Шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија: Западен Балкан во ЕУ што е можно поскоро

Западен Балкан мора да се интегрира во ЕУ бидејќи тоа е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент, оценија денеска шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија. Тие бараат преговори со БиХ, реформи во Црна Гора и напредок во преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Во заедничката колумна објавена денеска во медиумите во БиХ, министрите Гордан Грлиќ Радман, Александар Шаленберг и Тања Фајон истакнаа дека руската агресија врз Украина ја направи Европската Унија уште поатрактивна за земјите од Источното партнерство – Украина, Молдавија и Грузија, додека во исто време земјите од Западен Балкан се соочуваат со невидени закани по стабилноста и зголемени надворешнополитички сомнежи.

Затоа министрите го поздравуваат новиот пристап кон проширувањето на ЕУ, кој, за разлика од минатите периоди, дава поголемо значење на геостратешката перспектива со помала бирократија.

Тие додаваат дека минатогодишната одлука за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина била заснована на стратешка основа.

„Но, неопходно е да се истакне дека овој стратешки пристап не смее да значи намалување на стандардите на проширувањето на ЕУ. Целосното спроведување на реформите останува клучно“, е мислењето на тројцата министри за надворешни работи.

Воедно објаснија кои конкретни чекори треба да се преземат и тоа без одлагање.

Како прв чекор ја наведуваат потребата Европската Унија да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година.

Втората е дека Црна Гора мора да го продолжи својот реформски пат кон ЕУ, што зависи од формирањето на новата влада во земјата, а третата е напредокот што треба да се постигне во преговорите со Албанија и Северна Македонија.

Тие ги повикаа сите членки на ЕУ да имаат „покреативен“ и „подинамичен“ однос со земјите кои пристапуваат, кој се заснова на фер и ригорозни услови, но и на некаква интеграција уште сега, на пример преку учество на министри од регионот во работата на Советот за надворешни работи на ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ не е една од политичките опции. Тоа е геостратешки императив денес“, заклучуваат Грлиќ Радман, Шаленберг и Фајон во заедничката колумна, објавена денеска. 

Треба да знаете
Последни објави