Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, соопшти дека денеска точно на пладне се отвара системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален и јавен интерес во културата за 2024 година.
Таа на денешната прес-конференција истакна дека главните приоритети за секоја дејност и област остануваат исти, а тие се, како што посочи, квалитетот, иновативност и креативност.
Како новини и промени во конкурсот направени во конкурсот за поддршка на проекти од национален и јавен интерес од облата на културата за 2024 година.
– Следејќи ги потребите и трендовите, Министерството за 2024 година направи дополнување на постојните области и дејности со нова буџетска програма – креативни индустрии. Тоа значи дека во предлог-буџетот за 2024 година ќе се отвори нова програма со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување на новата програма креативни индустрии се објавени на веб-страницата, рече таа.
Костадиновска-Стојчевска појасни дека тој конкурс се однесува само на областите и активностите што се дел од креативните индустрии, а не се опфатени со други конкурси и досега немало можности да бидат финансирани.
– Креативните индустрии стануваат важен двигател во економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето на новата буџетска програма што ќе ги поддржи креативните индустрии е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на кутурната индустрија зошто креативноста, иновативноста и оригиналноста се тројство што кулурата ја издигнува на пиедесталот во т.н нова економија, рече таа.
Измени во годинешниот конкурс за финансирање проекти од национален и јавен интерес во културата има и во делот на заштитата на кутурното наследство во трите области што досега беа во иста пријава – библиотечна дејност, музејска дејност и нематеријално културно наследство (заштита на недвижно културно наследство и аудио-визуелни добра).
– Целта ни е да го поедноставеме и олесниме процесот на пријавување. Критериумите, мерилата за оценување на пријавите и начините на финансирање не се променети, станува збор само за посебни пријави, рече таа.
Кога станува збор за проекти од меѓународен карактер, за наредната година предвидена е и финансиска поддршка на иницијативи и проекти кои се во насока на унапредување на стратегискиот дијалог со САД, унапредување на соработката со дрќжавите-членки на Иницијативата „Отворен Балкан“, како и проекти што се во функција на поврзување со дијаспората.
– Приоритет ќе имаат и проектите што ќе не промовираат во градовите – европски престолнини на културата во 2024 година, како и земјите претседавачи со ЕУ наредната година, рече таа.
И оваа година електорнското пријавување целосно ќе се одвива преку националниот портал за е-услуги, а техничките упатства и поддршката при регистрирањето корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата uslugi.gov.mk како и преку контакт-центарот на националниот портал.
Пријавувањето на Конкурсот за финансиска поддршка за проекти од национален и јавен интерес во културата за 2024 година ќе биде можно до 6 ноември на пладне.