Ковачевски: Инвестираме во модерни и безбедни услови за развој на децата, секое дете заслужува среќно и безгрижно детство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска беше во посета на градинката „Парк”, која е дел од ЈУДГ ОЦ „13 Ноември”-Скопје. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Посетата на градинката е во знак на одбележување на Недела на детето, која секоја година се одржува во првата недела од месец октомври.Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Децата се наше најголемо богатство e првата реченица која на вакво место се кажува и која што прилега на оваа недела која што е недела на детето, за нив создаваме, креираме, градиме, за тие да имаат подобро детство, посреќна иднина и секако подобри услови за образување, другарување и подобри услови за живот.

Денеска сме овде, во објектот „Парк”, кој е дел од градинката „13 Ноември” – Скопје, во знакот на одбележување на Детската недела. Тука сме заедно со децата, за да го подигнеме нивото на свесност за правата на децата и за тоа колку е важно да создадеме поволна клима, кадешто децата ќе можат да се развиваат во самостојни, силни личности кои утре ќе бидат столбот на нашата држава.

Затоа радува фактот што оваа градинка, како и во многу други низ државата, од годинава ќе учат во нови, реновирани услови, ќе пишуваат и цртаат на новите масички и ќе си играат со нови играчки и едукативен материјал.

Годинава, токму на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Скопје, објектот „Парк” слави цели 45 години од своето основање, години низ кои со љубов и грижа се растени генерации и генерации деца, овде, во срцето на нашата метропола во центарот на главниот град.

Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата по повод Недела на детето. Но, не само оваа недела. Секој ден и секоја недела во годината треба да се водиме од принципите за заштита на правата и интересите на децата, како што е предвидено и со Законот за заштита на децата, Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации, како и целокупната домашна и меѓународна регулатива која се однесува на правата на децата.

Сите ние сме биле деца и најголемиот дел од нас имаат свои деца, и затоа и како родители, како луѓе пред сè, треба да направиме сè што можеме за да ги заштитиме децата и нивните права. Секое дете заслужува среќно и безгрижно детство.

Токму затоа, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за издвојување средства за законски востановената „Детска недела”, којашто се реализира со цел афирмација на правата и заштитата на децата.

За време на „Детската недела”, од 02 – 09 октомври, е предвидено да се издвојуваат средства од билети за театар, кино, уметничка изложба и културни манифестации; од продажба на поштенски марки во внатрешниот сообраќај, од билети за спортски натпревари и други спортски приредби; од секој продаден возен билет во железничкиот и автомобилскиот, меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај и во авионскиот сообраќај; како и од секој продаден облик на електронски музички и видеозапис, видео касета и друго.

Сите овие средства ќе бидат наменети за активности посветени на децата.

Но, нашата грижа за децата не завршува тука.

Посветено и одговорно, со разумни политики и одлуки ги подобривме условите во градинките, во установите каде се чуваат нашите најмали и најмили.

Општина Центар е пример за тоа како треба да се чуваат објектите односно да се унапредуваат објектите во кои се згрижуваат децата. Општината Центар во изминатиот период комплетно реновираше три градинки и веќе е во изградба нова градинка која што е во поодмината фаза на реализација на проектот и со тоа се зголемува бројот на капацитетот, односно на можноста да се примат повеќе деца но и се подобруваат условите во постојните објекти во кои што веќе се воспитуваат децата во најраната возраст.

Од 2017 година досега, преку Министерството за труд и социјална политика, со буџетски средства се изградени и реконструирани вкупно 81 објект на детски градинки и 12 центри за ран детски развој. Вие медиумите редовно ги следите настаните за отворање на нови градинки, практично секој месец, некогаш и 2 пати во месец со министерката Тренчевска, одиме во различни градови низ државата, како што бевме во Пробиштип, Струмица, во Ѓорче Петров, Карпош каде се отвораат нови градинки и тоа е тренд кој ќе продолжи и во иднина бидејќи создаваме модерни и безбедни услови за развој на децата, кои денес се едуцираат и растат заедно тука.

Преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година, секое дете во секоја градинка низ државата еднаш неделно добива по еден килограм свежо овошје. Со тоа ја развиваме свеста за здрав оброк за секое дете и истовремено го стимулираме домашното производство на овошје.

Не ги забораваме и оние кои ги чуваат и воспитуваат нашите деца.

Обезбедивме континуиран раст на платите на воспитувачките, чии примања од 2017 година до денес се зголемени за 81%, додека за негувателките зголемувањето е 89%.

А за над 100% се покачени примањата на помошно техничкиот персонал во градинките, за истиот период.

Дополнително, со новиот Општ колективен договор, сега, со септемвриската плата секој вработен во јавен сектор добива 10 отсто покачување, а до крајот на годината ќе добијат и 10.000 денари К-15. Од 2024 година, К-15 ќе биде изнесува 30 отсто од просечната плата во државата.

Нема ништо поважно и подрагоцено од искрената детска насмевка. Драго ми е што овде гледам многу весели дечиња и што ние преку нашата поддршка им обезбедуваме уште посреќно детство.

Меѓутоа драго ми е што и негувателките и воспитувачките кои ги видов тука во градинката заедно со директорката, исто така се задоволни од мерките и за инвестиции во реконструкција на објектите но и за значително зголемените плати кои тие ги примаат секој месец, а особено во однос на она што било во мандатот на претходната Влада.

И понатаму продолжуваме да работиме за доброто на децата, за уште повеќе насмевки и повеќе радости за нашите најдраги!

Ви благодарам! Честитки и до градоначалникот и до министерката, секако и до директорката на градинката и да имаме уште вакви поводи за одбележување во кои ќе имаме и реконструирани и нови објекти за воспитување на децата во нивната најрана возраст!”

Треба да знаете
Последни објави