Мицкоски: Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси да бидат реалност на Балканот

Повикувам Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ е јасен во своите позиции и по ниту една цена нема намера да отстапи и нема да го прифати бугарскиот диктат. Ова го истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да го појасни ставот што ги изнесе пред партиската Унија на ветерани дека зад бугарскиот диктат стојат руски интереси.

Според Мицксоки, историјата наназад покажува дека, како што вели, „секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет зад таа акција стоела поддршката од страна на Русија, односно руските интереси на Балканот“.

-Така било и за време на Санстефанскиот договор кога практично  Бугарија ја добива денешна Македонија како подарок, а е резултат на она што го договориле министрите за надворешни работи на Отоманската империја и тогашната руска власт. Истото се случило и кога е напуштен  Бледскиот договор од страна на Бугарија, еднострано по налог на тогашниот советски претседател Сталин. Истото, за жал, денеска само со македонска рака го потпиша триото Ковачевски, Пендаровски, Османи. Кога би бил жив Тодор Живков би бил многу горд на овие тројца и сигурен сум дека би ги нарекол како благонадежни Бугари. Затоа повикувам Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ е јасен во своите позиции и по ниту една цена нема намера да отстапи и по ниту една цена нема да го прифати бугарскиот диктат, изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, дополни Мицкоски, само бара правата на македонската заедница во Западна Бугарија/Пиринска Македонија да бидат испочитувани исто онака како што биле испочитувани и признаени за време на Бледскиот договор. -Тоа е комплетна културна автономија, односно давање на целосно културно право на Македонците да учат на свој мајчин јазик и признавање на мајчиниот јазик. Дури имало и македонски народен театар во горноџумајската област или денешен Благоевград на кој што имало претстави на македонски јазик, гостувал МНТ од Скопје, рече Мицкоски.

Тој праша чии права се загрозени со оглед дека од Судот за човекови права во Стразбур има 15 пресуди со фокус на правата на макеоднската заедница, а ниту една за бугарската заедница кај нас. 

-Од една страна имате 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои се со фокус на правата на македонската заедница во Бугарија и нула пресуди за бугарската заедница во Македонија. Чии права се тука загрозени, кој е предмет на асимилација и кој е предмет на тортура и терор? ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прифати бугарски диктат уште повеќе што не била дел од креирањето на тој дктат, рече Мицкоски, при теренските активности во Охрид во рамки на партиската кампања „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Треба да знаете
Последни објави