Пакистанските власти денеска им наредија на сите илегални имигранти да ја напуштат земјата, бидејќи, во спротивно, ќе се соочат со протерување, откако беше утврдено дека само годинава 14 од вкупно 24 самоубиствени напади биле изведени од Авганистанци.
Британските медиуми ја пренесуваат пораката на пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сарфраз Бугти, дека сите илегални имигранти треба да ја напуштат земјата до 1 ноември.
Според него, околу 1,7 милиона авганистански државјани во Пакистан немаат легални документи за престој.
Минатата недела во два самоубиствени напади, изведени во текот на верски обреди, беа убиени најмалку 57 лица.
Бројката на напади на милитантите во Пакистан е во пораст од 2022 година кога дојде до прекин на примирјето меѓу владата и исламистичката група ТТП.