Сите деца имаат еднакви права и на сите деца треба да им се обезбеди  поддршка и еднакви можности за правилен раст и развој

По повод одбележување на Детската недела, Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ја посетија Јавната установа  „13 Ноември”, објект „Парк”.

Градинката „Парк” е целосно реновирана и опремена со нов мебел и дидактички материјал, а со нова опрема и дидактика се опремени и другите објекти кои се во склоп на оваа јавна установа.

На настанот Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски истакна: „Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата под мотото Недела на детето. Но, не само оваа недела. Секој ден и секоја недела во годината треба да се водиме од принципите за заштита на правата и интересите на децата, како што е предвидено и со Законот за заштита на децата, Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации, како и целокупната домашна и меѓународна регулатива која се однесува на правата на децата.”

Претседателот Ковачевски се осврна и на вложувањето во детската заштита на Владата, при што истакна: „ Од 2017 година досега, преку Министерството за труд и социјална политика, со буџетски средства се изградени и реконструирани вкупно 81 објект на детски градинки и 12 центри за ран детски развој. Преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година секое дете во секоја градинка низ државата еднаш неделно добива по еден килограм свежо овошје. Не ги забораваме и оние кои ги чуваат и воспитуваат нашите деца. Обезбедивме континуиран раст на платите на воспитувачките, чии примања од 2017 година до денес се зголемени за 81 отсто, додека за негувателките зголемувањето е 89 отсто. А за над 100 отсто се покачени примањата на помошно техничкиот персонал во градинките, за истиот период.”

Претседателот информираше дека со новиот Општ колективен договор, со септемвриската плата секој вработен во јавен сектор добива 10 отсто покачување, а до крајот на годината ќе добијат и 10.000 денари К-15. Од 2024 година, К-15 ќе биде изнесува 30 отсто од просечната плата.

Министерката Тренчевска истакна дека грижата за децата и вложувањето во детската заштита се приоритет за Министерството за труд и социјална политика.

„Првата недела од месец октомври со разни активности во сите држави членки на ООН се одбележува Детската недела. Неделата кога со силни пораки и активно учество на сите деца заедно ја подигаме свеста за важноста на благосостојбата на сите деца. Затоа што сите деца имаат еднакви права и на сите деца треба да им се обезбеди  поддршка и еднакви можности за нивен правилен раст и развој,” посочи Тренчевска.

Оваа година се навршуваат 45 години од отворањето на градинката „Парк”  која започнала со  140 деца, за да денес бројката значително е зголемена и обезбедува престој за над 260 деца.

„Остануваме посветени на каузата еднакво општество за сите, денес со акцент на децата.

Нека годишното мото за одбележување на детската недела „Јас и светот околу мене”, ги пренесе пораките на сите деца во државата, за посигурно, порадосно и поисполнето детство за сите деца!” порача Тренчевска.

Градоначалникот на Општина Центар, Герасимовски истакна: „Со оваа инвестиција градинката доби комплетно нови занимални, најпрво беше иструган и излакиран паркетот во целата градинка, потоа целата градинка беше молерисана по што сите занимални добија нов детски мебел, детски шкафчиња, масички со столчиња како и нови играчки и дидактички материјал за најмалите. Верувам дека новите услови за престој ќе ги израдуваат дечињата, а новите играчки и дидактички материјали ќе ги поттикнат да бидат креативни во новите игри развивајќи ја фината моторика, говорот и дружбата”.

Треба да знаете
Последни објави