Собранието ја почна 127. седница, изгласана одлуката за Анкетна комисија за случувањата на онкологија

Собранието денеска ја почна 127. седница, а како прва точка на дневниот ред е Предлог на деловник на Собранието на Република Северна Македонија, во прво читање, што беше подготвен во рамки на дебата на Жан Моне процесот. Претседателот на Собранието Талат Џафери информираше дека за Предлог на Деловникот ќе се расправа откако тој ќе биде разгледан на матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, како и на Законодавно-правната комисија.  

Претходно Фадил Зендели од Беса побара на седницата на дневен ред да биде ставена Предлог-одлука за распишување оглас за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК). Местото во ДИК е испразнето откако Кренар Лога од АА стана министер за правда. Согласно Изборниот законик, член на ДИК треба да биде претставник на опозицијата од редот на партиите на Албанците. 

Зендели го обвини претседателот на Собранието Џафери дека не сака две седници да ја стави на дневен ред Предлог-одлуката. Џафери, пак, рече дека не може да стави на дневен ред точка за која нема материјал, а дополнително пратеникот на Беса, додава тој, зборува од име на опозициските партии. Претседателот на Собранието рече дека нема информации дека има нови политички партии бидејќи тој има информации за пратеници кои во Собранието функционираат како независни. Џафери го повика Зендели да го прочита Деловникот пред да ја предли точката за дневиот ред.   

Во рамки на 127. седница пратениците ја изгласаа потребата за носење на Предлог на закон за изменување на Законот за даночно ослободување со цел реализирање на Одлуката за склучување на Анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата, по скратена постапка.

Собранието ја донесе Одлуката за избор на претседател, членови и нивни заменици на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Претседателка на Анкетната комисија ќе биде Рашела Мизрахи, додека нејзин заменик  Александар Вељановски. Комисијата брои 12 членови и исто толку заменици. 

Изгласан беше и дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната (*) – второ читање, јавен оглас за заменик директор на Агњенцијата за заштита на лични податоци, како и Предлог на одлука за објавување јавен оглас за именување на претседател и членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата. 
 
На дневен ред на 127. седница се и Предлог на закон за ратификација на амандманите на Договорот за основање на Европската банка за обнова и развој и Предлог на закон за ратификација на Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција. 

Собранието попладнево ќе продолжи со работа по 125. и 126. седница. 

Треба да знаете
Последни објави