Извршниот директор на банката ЈП Морган Чејс, Џејми Димон, изјави дека во иднина, благодарение на развојот на вештачката интелигенција (ВИ), луѓето ќе работат три ипол дена во неделата.
– Вашите деца ќе доживеат 100 години и нема да добијат рак благодарение на технологијата, а веројатно ќе работат само три ипол дена во неделата – изјави Димон.
Тој изјави дека ВИ технологијата веќе ја користат илјадници вработени во „ЈП Морган Чејс“ и дека ќе донесе радикално подобрување на квалитетот на животот на работниците, иако ќе доведе и до исчезнување на некои работни места.
Димон истакна дека ВИ е „клучна за идниот успех на неговата банка“. Тој претходно истакна дека вештачката интелигенција може да и помогне на фирмата да развие нови производи, да го поттикне ангажманот на клиентите и да ја подобри продуктивноста и управувањето со ризикот.