Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Американски совети за меѓународно образование, меѓународна непрофитна организација со седиште во Вашингтон, кои престојуваат во посета на нашата држава.
На средбата се разговараше за активностите на Американски совети, која работи на подобрување на меѓусебното разбирање меѓу земјите, разменување идеи меѓу поединците и подобрување на соработката преку едукација.
Претседателот Пендаровски ја поздрави работата на организацијата, која 40 години е активна на глобално ниво, а веќе 20 години е присутна во нашата држава и успешно спроведува програми за културна и едукативна размена, вклучувајќи ги програмите YES и YES Abroad за размена на средношколци.
Посакувајќи натамошна успешна реализација на програмите, претседателот Пендаровски изрази уверување дека организацијата ќе продолжи активно да придонесува за заемното разбирање помеѓу културите, почит за различностите, воспоставување лидерски вештини и разбирање на граѓанското општество.
Претходно гостите ги посетија просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, салата за свечености, настани и прес-конференции. Во Мозаик салата го разгледаа и впечатливиот диптих „Македонија – светла земја” и „Македонија – земјата памети”– дело на еден од нашите најзначајни современи уметници академик Глигор Чемерски.