Повеќето приватни лекарски ординации во Германија остануваат затворени поради штрајкот со кој се бара промена на здравствената политика и прекин на строгите мерки за штедење.
„Ординациите се способни да понудат сè помалку прегледи за пациентите, а ова е резултат на долгогодишниот притисок на политиката и здравственото осигурување“, рече Дирк Хајнрих, претседател на Здружението Вирхоу, кое ги обединува лекарите од општа пракса.
Хајнрих истакна дека политиката и здравственото осигурување со години им оставаат се помалку простор на лекарите да обезбедуваат грижа за пациентите преку политиките за штедење и растечката бирократија. Во протестното писмо на здружението Вирхоу се споменуваат и поскапувањата предизвикани од инфлацијата.
Штрајкот треба да укаже и на недостигот од лекари и потребата од зголемување на бројот на студенти по медицина. Во писмо до министерот за здравство, Карл Лаутербах (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) се бара воведување итна служба за пациенти кои не можат да закажат преглед кај лекар.
Лаутербах преку платформата Х (поранешен Твитер) ги посочи високите плати на лекарите и се потсмеваше со фактот дека тие го избрале денешниот ден за штрајк за да „премостат“ до националниот празник Денот на германското обединување во вторник.
„На денешен понеделник, во пресрет на празникот, лекарите штрајкуваат. И тие како фармацевтите штрајкуваат, сакаат повеќе пари. Но во просек по одбивање на трошоците заработуваат околу 230.000 евра годишно“, рече министерот за здравство.
Лекарските здруженија зборуваат за просечен нето годишен приход по сите одбитоци и за пензиско и здравствено осигурување од 85.555 евра, а на Лаутербах му замериле дека исклучиво се грижи за потребите на клиниките, а не на лекарските ординации.
Во Германија, по правило, треба да се чека со месеци на специјалистички лекарски преглед, а многу специјалисти во поголемите градови повеќе не примаат нови пациенти.
Сите вработени во Германија се обврзани да уплатат 14 отсто од приходите во т.н фондовите за задолжително здравствено осигурување.
Набљудувачите со години го критикуваат германскиот систем за финансирање на здравството дека е премногу тежок, а исто така истакнуваат дека голем дел од средствата се проголтани од големата бирократија. Се зборува и за „двокласен“ здравствен систем кој претпочита граѓани со подобри примања, што е спротивно на идејата за солидарен здравствен систем.
На укинувањето на приватното осигурување и изедначувањето на финансирањето со години се противат партиите на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и либералите. Германија издвојува 13,2 (2022) проценти од бруто националниот приход за здравството, што е највисоко во Европската унија.