Генералот Ѓурчиновски за првпат учествува на состанок на DECI со што е означено нашето формално приклучување во оваа безбедносна иницијатива

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес во Загреб, Република Хрватска, со неговото прво учество на состанокот на началници на Генералштабови (НГШ) на земјите членки на иницијативата за соработка во одбраната- DECI (DEfence Cooperation Initiative) го означи нашето формално приклучување во оваа безбедносна иницијатива.

По воведното обраќање од страна на министерот на обрана на Хрватска, Марио Баножиќ, состанокот е отворен од страна на НГШ на Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне, кој истакнал  дека приклучувањето на Република Северна Македонија во DECI ќе биде корисно и од значење за понатамошното функционирање на оваа безбедносна иницијатива.

На состанокот, на кој учествуваат и командантите на здружената команда на НАТО во Неапол, на КФОР, на ЕУФОР-АЛТЕА и на командата на меѓународните копнени сили (MLF), низ стручна расправа се разгледувани повеќе актуелни теми кои влијаат на безбедноста во регионот, како и улогата на овие операции на НАТО и ЕУ врз зајакнување на регионалната стабилност.

На состанокот низ неколку панели ќе се дискутира за можноста за градење капацитети, зајакнување на заедничката обука и соработка, вклученоста и влијанието на иницијативата во меѓународните безбедносни организации и унапредување на поддршката на заеднички проекти, меѓу кои и придонесот во мултинационалните командни и воени структури на НАТО и ЕУ.

Од страна на генералот Ѓурчиновски во првиот панел е истакнато дека со нашето приклучување во оваа безбедносна иницијатива уште еднаш ја потврдуваме заложбата за зајакнување на соработката и безбедноста на регионално ниво, како услов за непречен просперитет на регионот.

На крајот од состанокот ќе се утврди понатамошната динамика на активностите и состаноците, по што од страна на началниците на Генералштабовите ќе се  потпише заедничка изјава и концептуален рамковен документ.

Во текот на престојот во Загреб, генералот Ѓурчиновски во меѓусебните разговори со своите колеги ќе опфати и повеќе теми од взаемен билатерален интерес во полето на одбраната, како и за можностите и начините за зајакнување на дијалогот за безбедноста и стабилноста на регионот.

Иницијативата DECI, е формирана под покровителство на Италија во 2012 година како иницијатива од регионален карактер фокусирана на безбедносната соработка меѓу земјите од Јадранското и Балканското подрачје со  членство на Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Унгарија, а покасно се приклучуваат и Албанија и Црна Гора.

Во досегашното постоење иницијативата се потврди како важен инструмент за зајакнување и развој на меѓусебното партнерство и соработка и е истакнат носител на активности со кои се придонесува во развојот на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот. Воедно се истакнува важноста на меѓусебната поврзаност на процесот на одбранбено планирање во рамките на НАТО и ЕУ.

Началниците на Генералштабовите на земјите учеснички се состануваат еднаш годишно за согледување на меѓусебната одбранбена соработка и усогласување на понатамошниот развој на заедничките проекти, како и да разговараат за безбедносната ситуација во поширокиот Балкански простор и областа на Медитеранот.

Треба да знаете
Последни објави