На царинскиот пункт во Рајловац кај Сараево е запрен речиси еден тон храна од различно потекло, која требало да ја достави во Босна и Херцеговина компанија од Австрија. Поради неисполнување на пропишаниот квалитет и здравствени услови на прехранбените производи, надлежните инспекции забранија увоз на пратка на прехранбени производи: прстени од кромид (земја на потекло Холандија), печива (Шведска), колачиња од Италија и тортиљи од Шпанија – вкупно со тежина 913,80 килограми.
Имено, како што информираат од локалниот „Агроклуб“, во процесот на контрола на квалитетот на производите и здравоста на прехранбените производи и артиклите за општа употреба при увоз, инспекцијата утврдила дека не е почитуван температурниот режим на транспорт (минус 20 степени). .
Температурата во комората била плус 20 степени Целзиусови, поради што дошло до одмрзнување и промена на органолептичките својства на пратката, поради што храната е неупотреблива и не може да се увезува и пушти во оптек – објавија надлежните, како што пренесува овој портал.
Според овие контролни резултати, увозот на пратката е забранет и наложено е да му се врати на испраќачот, односно да биде уништена на пропишан начин во случај враќањето да не е можно.
Во регионот, очигледно, има се поригорозни контроли на храната што ја минува границата.
Неодамна српски земјоделски производи беа вратени од царина во Хрватска и Словенија, поради одредени неправилности, Министерството за земјоделство на Србија соопшти дека од почетокот на годината се вратени 37 пратки поради различни непочитувања.