Научниците од Хаваи се сомневаат дека голем кит, чие тело неодамна беше пронајдено на брегот на овој остров, умрел од огромната количина пластика што ја изел. Ова е уште еден во низата случаи на водни животни кои умираат поради загадување на морето и океаните, а особено големите цицачи се загрозени, па на некои групи од овие гиганти им се заканува истребување.
Податоците од светските институции кои се занимаваат со заштита на природата покажуваат дека дури 40 отсто од океаните на планетата се загадени и дека до 2050 година пластиката, која е главниот отпад во големите води, ќе ги загрози сите видови риби. Покрај големите, пластичното ѓубре ги зафаќа и многу помалите – како што се морските желки, фоките, морските лавови, а некои податоци покажуваат дека кај дури 700 видови животни причина за смртта била пластиката. Секоја година има и угинување на птици на бреговите на океанот, поради фактот што јадат пластика.
Експертите предупредуваат дека само во првата деценија на овој век е произведена повеќе пластика отколку вкупно до 2000 година и дека денес нема место во океаните што не е загадено со овој долговечен материјал. Пластичен отпад се наоѓа во мртви примероци на животни од Антарктикот, а експертите тврдат дека Средоземното Море е меѓу најзагрозените водни простори.
Едно од истражувањата спроведени во водите во близина на Калифорнија покажа дека синиот кит може да изеде десет милиони парчиња пластично ѓубре во текот на денот, односно дури 43 килограми. Според проценките на меѓународните институции, најголемата концентрација на микропластика во отворен океан е на длабочина поголема од 50 метри.
Многу земји ширум планетата воведуваат мерки против загадувањето на океаните, а различни организации се борат да ги заштитат, пред сè, различните видови китови, од кои многу се на работ на истребување. Пред две години, повеќе од 350 научници од 40 земји повикаа на глобални акции за заштита на китовите, делфините и свирите од истребување, а еколошките активисти на многу континенти укажуваат на зголеменото ниво на загадување на водните пространства со чести протести. Сепак, сето тоа засега дава симболични резултати, а на жителите на океанот се повеќе им се заканува пластичен отпад.