Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) бара да се поништи владината одлука за отпочнување на постапка за формирање на три нови друштва за приредување на игри на среќа преку интернет. Првиот човек на асоцијацијата Васко Илиевски денеска во изјава за медиумите пред Владата, рече дека ниту една членка на АСОМ нема да учествува на тендерот, кој, е незаконски и дискриминаторски за домашните компании.
– Во објавата на Државна лотарија на Македонија беше информирано дека тендерската документација по јавниот повик за избор на правни лица за доделување на договор за приредување на интернет игри на среќа подигнале повеќе од десеттина компании од кои половината се друштва за приредување на игри на среќа со седиште во Република Македонија. Сето тоа го претставија како спроведување на транспарентна и законски издржана постапка, што всушност претставува класична манипулација. Тука сме да појасниме дека тендерската документација е подигната од страна на домашните компании со цел да се провери нејзината содржина. Подигнувањето на тендерската документација ги потврди нашите убедувања дека станува збор за наместен јавен повик за однапред договорени странски компании, појасни Илиевски.
Од АСОМ бараат да се донесат подзаконските акти за домашните компании да можат да приредуваат интернет игри на среќа и со тоа реално да се либерализира пазарот. Доколку Владата не реагира на нивните укажувња од АСОМ најавуваат масовни протести.