Полициски службеници од повеќе организациони единици од Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Штип и Струмица во текот на вчерашниот ден (04.10.2023) реализираа превентивни активности на различни теми, претежно посветени на најмладите по повод „Детската недела”, како и од областа на сообраќајната безбедност, заштитата од имотни деликти, превенцијата од пожари и бесправната сеча на шуми.
Така, на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Штип, односно во Радовиш и во Берово, по повод „Детската недела”, полициските службеници од ОВР Радовиш беа домаќини на дечиња од детската градинка „Ацо Караманов”, објект „Цветови” од Радовиш, додека во посета на ОВР Берово беа децата од градинката „23 Август” од Берово. Децата имаа можност да се запознаат со професијата полициски службеник, со дел од полициските овластувања и работни задачи, особено за улогата на сообраќајниот полицаец и полицаецот позорникар, а дополнително им беа презентирани и дел од материјално-техничките средства и опремата што ја користат полициските службеници и полициските возила.
Во Битола, пак, односно во основните училишта „Тодор Ангелевски”, „Ѓорѓи Сугарев” и „Трифун Пановски” за првачињата беа организирани едукативни презентации на кои што тие беа запознаени со сообраќајните правила и прописи важни за нив како пешаци или како велосипедисти. Во Демир Хисар и во Ресен, исто така на подрачјето на СВР Битола, беа спроведени превентивни активности од областа на заштитата од пожари и од незаконска сеча на огревно дрво, како и од областа на превенција од имотни деликти во стопански објекти – кражби, разбојништва и измами.
И на подрачјето на СВР Велес, односно во Кавадарци, беше реализирана активност од проектот „Безбедна заедница – мирна заедница” насочена кон превенција и самозаштита од кражби и измами, пред сѐ кај повозрасните категории на граѓани.