Тренчевска: И момчињата и девојчињата треба да ги уживаат човековите права на иста основа без дискриминација

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска беше дел од панел дискусијата „Стратешко планирање за храбра иднина за телесната автономија на жените и на девојчињата во регионот” како дел од конференцијата „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија за жени и девојчиња”.

Министерката го истакна значењето на телесната автономија посочувајќи дека нашето тело е единствено нешто што ни припаѓа нас и одлуката за тоа што ќе правиме со телото е само наше. Таа посочи дека тоа е основно човеково право чиј темел е родовата еднаквост.

„Родовата еднаквост е во основата на телесната автономија. Затоа што и девојчињата и момчињата треба да ги уживаат човековите права на иста основа, без дискриминација, без насилство и со разобличување на родовата нееднаквост во социјалните норми” рече министерката.

Таа истакна дека она што треба да го направиме во иднина е градењето на партнерство со мажите. Посочувајќи дека и денес во публиката на конференцијата присуството на мажи треба да биде поголемо за да не ја водат дискусијата за вакво важно прашање само жените.

„Ако сакаме жената да ја вклучиме на пазарот на трудот и одлучувачките процеси мораме да имаме политики каде се усогласува семејниот и професионалниот живот. Додека за успех она што во иднина треба да го направиме е поголема примена на одредбите од меѓународните конвенции и обврската која државата ја има земено кога ги има ратификувано” истакна Тренчевска.

Таа се осврна и на брзиот технолошки развој и зголемената употреба на социјалните медиуми, посочувајќи дека наместо да донесат добро тие придонесоа кон поголема дискриминација и стигма кон концептот на родова еднаквост меѓутоа и кон жените кои имаат голем придонес кон различни области во животот. Министерката во оваа насока истакна дека мора да се работи и со младите на оваа тема затоа што со налетот на новите технологии младите имаат се помалку информации за нивната вистинска примена. Таа истакна дека тие се секојдневно подложни на читање на лажни вести за кои се помалку се проверува изворот на веста. Министерката рече дека со поголемата едукација на овие прашања може да се даде поголем отпор на анти-родовите движења.

Треба да знаете
Последни објави