Азербејџан е подготвен за разговори со Ерменија со посредство на Европската унија по неговата успешна офанзива во Нагорно Карабах, изјави денеска советникот на азербејџанскиот претседател.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денеска не дојде на самитот на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, каде требаше да се разговара на оваа тема.
„Азербејџан е подготвен наскоро да учествува во Брисел на трипартитните состаноци меѓу ЕУ, Азербејџан и Ерменија“, напиша Хикмет Хаџиев, советник на азербејџанскиот претседател, на платформата Х.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кој дојде на самитот, ја осуди одлуката на азербејџанскиот претседател.
Според Хаџиев, неговата земја одлучила да не учествува поради „милитаристичката политика“ на Франција на Кавказ и односот на ЕУ кон регионот, како и поради тоа што турскиот претставник не учествува.
Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека ги отфрла разговорите со Ерменија.