Највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан, е висок 4.805,59 метри, или 2,22 метри помалку од претходното мерење во 2021 година. Оваа разлика може да се должи на варијации на летните врнежи и е веќе забележана во минатото, изјави денеска францускиот геодетски експерт Жан де Гар на прес-конференција во Шамони.
Тој рече дека собираат податоци за идните генерации. „Не сме таму да ги толкуваме, тоа им го оставаме на научниците“, истакна Де Гар.
Опремени со најсовремени алатки и за прв пат со дрон, тим од околу 20 луѓе кон средината на септември во осум насоки се искачи на врвот на Западна Европа во близина на француско-италијанската граница.
Тие неколку дена спроведуваа мерења и бележеле точка по точка на врвот на Мон Блан.
Тоа е 12-та акција на експедицијата, чија цел е собирање научни податоци за влијанието на климатските промени на Алпите, во рамките на иницијативата покрената во 2001 година.
„По неколку експедиции и мерења научивме многу: знаеме дека врвот е во постојано движење како во висина, со варијации од речиси пет метри, така и по положба“, рече Де Гар