Секој од нас ја претставува Европа. Можеби имаме свои ставови, а понекогаш и различни мислења за европските прашања. Но, сепак, сите ние сме Европа, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето на состанокот на Европската политичка заедница во Гранада.
– И не се работи само за географија. Се работи за историјата, моралот и безбедноста што ги споделуваме, нагласи тој.
Зеленски рече дека го посетил Харков, град со 1,2 милиони луѓе од кој границата со Русија е оддалечена помалку од 40 километри. Тој додаде дека тоа е „помалку од 3 минути за ракета С-300. Русија со нив го тероризира градот и веќе уништи илјадници куќи, училишта, универзитети, електрани и транспорт“.
– Но, Харков – ранет од овој терор и разбиен од ракетни остатоци – е жив. Вложуваме максимални напори да ги заштитиме луѓето и да одржуваме редовна социјална и економска активност. Ги одржуваме сите клучни институции во работа – од владините агенции до нашиот образовен систем, изјави украинскиот претседател.
Тој информира дека повеќето деца во градот учат онлајн. Сè додека не постои целосно ефикасен систем за противвоздушна одбрана, децата не можат да одат на училиште.
– Но, Харков најде решение. 65 училишни паралелки со повеќе од 1.000 деца учат на вообичаен начин, но … во метрото, под земја, рече Зеленски и додаде дека под земја има училници кои се обезбедени со се што им е потребно на децата и оти метрото е единствената безбедна опција за град со милион жители да ги собере децата на училиште.
– Така изгледа да се живее покрај Русија … Но, тоа не е само наше соседство. Различни европски земји се граничат со терористичката држава, а всушност руските пропагандисти и функционери зборуваат за нив како следна цел на нивната агресија … Цели. Токму овој збор го користат, подвлече Зеленски и ги праша европските лидери дали нивните земји имаат доволно метро станици за да обезбедат училници за децата доколку заканите на Русија се остварат.
– Ако на Русија и се дозволи да се приспособи сега, до 2028 година ќе го врати воениот потенцијал што го уништивме и ќе биде доволно силна да ги нападне земјите во фокусот на нејзиното проширување. Покрај Украина, тоа се дефинитивно балтичките земји и другите земји каде што се присутни руски контингенти. Нашите разузнавачки податоци се јасни. Русија се обидува да ја замрзне ситуацијата и да се приспособи. Учи од своите грешки и се подготвува да продолжи напред, рече Зеленски и додаде дека најопасниот непријател е оној кој донел заклучоци за да го подготви следниот напад.
Според него, потребен е формат на поддршка за нациите чии животи Русија веќе се обиде да ги уништи, особено економска поддршка и безбедносни гаранции. Така што Русија никогаш повеќе да не е во искушение да се обиде да го скрши нивниот суверенитет. Потребен е јасен сигнал: Русија нема шанси, нагласи Зеленски.