Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе”, наменета за јакнење на свеста на младите за важноста на принципите интегритет, чесност и одговорност, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со средношколци од СОУ „Гоце Делчев” во Валандово.
Вицепремиерката Грковска и младите соговорници разговараа за овие теми во неформална атмосфера и се осврнаа на примери од секојдневието, кои ја отсликуваат важноста на овие начела на однесување во градењето подобар систем и подобро општество за сите. Таа истакна дека во фокусот на оваа кампања се младите, зашто целта е тие да добијат гласност во општеството, да се зголеми нивниот интерес за општествените текови и тие да бидат активни чинители во градење општество поотпорно на корупција.
Во разговорот, вицепремиерката Грковска се осврна на значењето на личниот пример, истакнувајќи дека политичарите преку својата работа и однесување треба да покажуваат за тоа како треба одговорно, професионално и со интегритет да се извршува функцијата во интерес на сите граѓани и потоа тој пример да се пренесува во сите области на општеството.
Денеска се одбележува Денот на учителите и во таа насока вицепремиерката Грковска разговараше и со раководството на училиштето и дел од наставниот кадар за предизвиците со кои се соочуваат во нивната работа. Со оглед дека во СОУ „Гоце Делчев”, покрај гимназиското се реализираат наставни планови и за дуално образование, по средбата со учениците, Грковска беше во обиколка на капацитетите за образовно-работна практика на училиштето, кои ја сочинуваат училишната економија на оваа образовна установа.