На локалните избори во 2021 година, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски убедливо ја доби довербата од граѓаните.
На тие избори, Муцунски, како што самиот вели во негово промотивно кампањско видео, излезе со обемна и амбициозна кампања.
Овој месец се навршуваат две години или половина од мандатот на Муцунски како градоначалник на општина Аеродром.
Ако ветувањата дадени во 2021 година пред граѓаните, се споредат со реалните проекти, реалност е дека Муцунски, малку што има реализирано.
Што не е реализирано?
По две години, КК МЗТ не е во АБА лигата, а уште подалеку е од учество во европските кошаркашки натпреварувања (како прво ветувања од видеото на Муцунски објавено подолу)
Ја нема ниту најавуваната дигитализација на општината, ниту смарт опремата и бесплатните интернет зони. Нова мултифункционална зграда со кино, театар и читална исто така се уште нема.
Не е реализирано ниту ветувањето за реконструкција на кејот на Вардар, ниту воведување на еко-полиција, како ниту решавање на проблемот со бездомните кучиња, што во оваа урбана општина е еден од поголемите.
Од ветувањата дадени во 2021 година се уште не реализирани се и изградбата на нова гимназија и нова општинска сала.
Муцунски вети и изградба на четири детски градинки во општината, но и тие се деалку од реализација.
Што е реализирано?
Муцунски сепак успеа во овие две години да реализира мал процент од ветувањата.
Изградена е една детска градинка за волја на вистината започната од неговиот претходник Златко Марин и реконструирана е уште една детска градинка.
Во еден дел од општината решено е уличното осветлување, изградени се неколку нови мали паркови и детски игралишта и некои паркинзи се проширени.
Сето тоа, според жителите на оваа скопска населба е премалку во однос на буџетот на општината кој во однос на скопски општини е еден од најголемите.
По две години од мандатот, може да се заклучи дека реализацијата на капитални инвестиции на Муцунски и не му е баш најсилна страна.