Во Тирана денеска ќе се одржи состанок на министри за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин е министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.
Средбата ќе се одржи во Палатата на бригадата, каде во 9 часот ќе бидат пречекани учесниците.
Покрај шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, како Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, на средбата ќе учествуваат и земјите членки вклучени во процесот, Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Словенија и Обединетото Кралство.
Средбата ќе има две сесии, кои според најавата ќе бидат од затворен карактер, по што заедничка прес конференција ќе одржат домаќинот Хасани, германската министерка Annaklena Baerbock и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.
– На сесиите ќе стане збор за зајакнување на регионалната димензија, подвлекување на посебната важност на овој процес во контекст на интеграцијата во ЕУ, зајакнување на посветеноста поврзана со Заедничкиот регионален пазар, четирите основни слободи, зелената и дигиталната агенда, усогласување со единствениот пазар на ЕУ, одржување на ревитализирачкиот моментум постигнат на годишниот Самит во Берлин, имплементација на договори за мобилност, зајакнување на односите меѓу државите од регионот, како и забрзување на европската интеграција, информираа од албанското министерство.
Според медиумите сепак “она што се очекува со посебен интерес е дискусијата за прашањето околу Косово и Србија во присуство на косовската министерка Донирав Грвала и на Србија, Ивица Дачиќ”.
Додаваат дека германската министерка Baerbock ќе има одвоени средби со Грвала и Дачиќ, но под знак прашалник сеуште е дали таа ќе успее да реализира заедничка средба со нив.
Албанија на 16 овој месец ќе биде земја домаќин на Берлинскиот процес, со што за прв пат во историјата овој процес ќе се одржи надвор од границите на ЕУ.
Премиерот Еди Рама вчера објави дека учество потврдиле претседателот на Франција, Емануел Макрон, канцеларот на Германија, Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, како и голем број премиери на земјите членки на Европската унија.
Албанија беше домаќин и на самитот на ЕУ за Западен Балкан на 6 декември минатата година, што беше првпат ваков собир да се одржува надвор од ЕУ.