Проширувањето претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикнува вредностите на кои е основана Унијата, се наведува во завршната Декларација усвоена на денешниот неформален Самит во шпанскиот град Гранада.
Како што информира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по Самитот, лидерите на Самитот ја реафирмирале посветеноста на проширувањето, но и го потврдиле ставот дека тој процес ќе се врши според принципот на заслуги.
– Нема да има „скратени патеки“, нема автоматизам за членство во ЕУ. Тоа мора да е базирано на заслуги. Кога велиме базирано на заслуги, тоа не значи дека само земјите кандидати мора да ги исполнат своите обврски, туку и ние мора да ја завршиме својата домашна задача за да бидеме подготвени, доколу земјите кандидат бидат подготвени за членство, да можеме да ги примиме, изјави Фон дер Лајен.
Според неа, процесот на зачленување ќе се базира исклучиво на индивидуални заслуги и почитување на Копенхашките критериуми.
Фон дер Лајен најави дека на почетокот на ноември Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство, кој ќе се разгледува на Самитот на ЕУ во декември.
Иако во завршната Декларација не се споменува 2030 како датум за прием на нови членки, според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, тој останува како цел за проширувањето, но и земјите кандидати за членство мора да покажат јасен напредок во остварувањето на реформите.
Тој потенцира дека процесот на проширува мора да се забрза, бидејќи земјите кандидати, пред сè оние од Западен Балкан, премногу долго чекаат на членство.
Во делот на идното проширување во Декларацијата од Гранада се нагласува дека гледајќи во иднината кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји членки треба да бидат подготвени за членство.
– Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на зачленување заснована на заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи. Ќе ги поставиме нашите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување. Ќе одговориме на клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашиот капацитет да дејствуваме. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет, се додава во Декларацијата.