Кампањата „Ние сме Европа“ предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ вечерва се реализираше во Тетово, а темата беше членството во ЕУ и младите како перспектива за прогресивна иднина на државата. Вицепремиерот Маричиќ кој беше прв говорник посочи дека младите се прогресот на општеството и европски е младите да бидат предводници на нови и свежи идеи.
– Токму поради младите треба да се прават тешки одлуки и финален исчекор за членство во ЕУ. Затоа што младите бараат да извлечеме максимум од шансата која пред нас ја создава геополитичкиот момент во кој се наоѓаме. Младите се тие кои ја препознаваат ЕУ како стабилен и посакуван партнер. Затоа имаме обврска да бидеме партнер во обезбедувањето на перспективна и на европска иднина. Ако некој одлучи заради сопствената политичка идеја или поради недоволна политичка свесност е подготвен да ја стави во заложништво иднината на младите, тоа сигурно не сме ние. Одолговлекувањето е ризик кој не можеме да го допуштиме. Тој ризик ни најавува изолација и нова неизвесност во нова фаза на чекање. Блокадите можат само да го зајакнат евроскептицизмот и да дадат сили на антиевропски блокови и патишта. Тоа не е нашиот пат и не е патот на нашите млади, рече Маричиќ.
Тој посочи дека овие пет години е направено многу за младите и зголемување на стандардите.
-Северна Македонија е прва земја надвор од ЕУ која ја има мерката „Гаранција за млади“. Од 2018 година до денес, над 80 илјади млади лица се вклучија во оваа програма. Речиси 40 отсто од учесниците во „Гаранција за млади“ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство. За оние до 23 години кои работат во производство, се воведе дополнителен младински додаток на платата од три илјади денари. Програмата „ЕУ за млади“ за стручна обука добива директна буџетска поддршка од 15 милиони евра. Во новата ИПАРД 3 рамка ќе има уште 18 милиони евра за „Гаранција за млади“, истакна Маричиќ од Тетово.