Меѓународниот балкански универзитет, во склоп на Еразмус+ програмата, организираше комбинирана интензивна програма (Blended Intensive Programme – BIP) и беше домаќин на еднонеделниот курс за студенти со наслов „Одржливост и климатски промени – меѓународни перспективи“. Курсот се реализираше од 2 до 6 октомври 2023 година, а партнери на настанот се Универзитетот за применети науки Мителхесен од Германија, ТТК Универзитетот за применети науки од Естонија и Коимбра институтот за инженерство од Португалија.
Овој интердисциплинарен курс има за цел да ги едуцира студентите од аспект на одржливост, екологија, зелена економија и бизнис, и слични теми поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина преку предавања на овие теми, како и посета на бизниси и организации кои ја препознаваат важноста на овие глобални проблеми.
За време на курсот се одржаа предавања на професори и експерти, студиски посети во фирмите Camel Solar, Plasma R&D Center и Veze Sharri, посета на Охрид и предавање на темата „Заштита на животната средина на Охрид во УНЕСКО“, како и посета на Фондот за иновации и технолошки развој и презентација на успешни приказни на македонските компании Аg Futura, Plant Engineering и GreenAgro, кои реализираат „зелени“ проекти. Програмата е збогатена и со културни и социјални активности во Скопје и Охрид, чијашто примарна цел е вмрежување на студентите и промовирање на културните вредности на Северна Македонија.
Во склоп на еднонеделниот курс кој е замислен со физичко присуство, студентите ќе продолжат виртуелно да работат со своите тимови во наредните 4 недели со цел да приготват финална презентација во која ќе ги прикажат сите нивни стекнати знаења и вештини од курсот, под менторство на професорите со кои ќе ја сработат својата задача. По завршувањето на финалната презентација која ќе се одржи онлајн, студентите ќе се здобијат со сертификат за успешно завршена комбинирана интензивна програма, како и транскрипт за добиени 3 ЕКТС од Меѓународниот балкански универзитет во соработка со партнерите.