Македонската фудбалска репрезентација е пред нов предизвик во квалификациите за Европското првенство 2024 кое ќе се одржи во Германија. По променливите настапи и резултати „топло-ладно“ во групата Ц, „црвено-жолтите“ на три кола пред крајот се во друштво на Италија и Украина со по седум бода. Овие три селкции ќе атакуваат на втората позиција и разигрувањето за завршниот турнир, додека лидер е Англија со 13 бодови и е на чекор да го верификува пласманот на завршниот турнир.
Македонија на 14 октомври на неутрален терен во Прага ќе се обиде да и се реваншира на Украина за неочекуваниот пораз во Скопје со пресврт (2:3) откако по првиот дел имаа преднот од два гола. Со евентуален триумф, избраниците на селекторот Благоја Милевски во последните две рунди со фаворитите Италија и Англија самите ќе си ја кројат судбината.
-Расплетот во групата допрва ќе следува. Наше е да одиграме најдобро што умееме. Доколку постигнеме и резултати зошто да не завршиме на позицијата која сите ја поскуваме. Ова е спорт, секој може да победува и губи. Треба да се работи посветено, да се биде одгворен и да се верува во тоа што се прави. Потребно е трпение – вели Милевски за „24 Инфо“ во пресрет на финишот од квалификациката група за ЕП.
Атмосферата во репрезентацијата по септемвриските натпревари со Италија (1:1) и со Малта (2:1) е подобрена. Самодвербата е вратена, откако беше разнишана по јунските порази, кога „црвено-жолтите“ загубија во Скопје од Украина (2:3) и доживејаа дебакл во Манчестер од Англија (7:0). Репрезентативците, а посебно селекторот Милевски веднаш се најде на тапет кај јавноста. Беше побарана оставка. Притисокот беше голем, а дотогашниот капитен Стефан Ристовски преку социјалните мрежи соопшти повлекување од државниот дрес. Се огласуваше и Горан Пандев, македонската фудбалска легенда, играчот со најмногу одиграни натпреаври и постигнати голови во државниот дрес.
-Не сум активен на социјалните мрежи. Не следам кој што кажува-пишува. Секој има прво на свое мислење и гледање на работите од свој агол. Секоја чест за постигнувањата кои ги има Пандев на теренот. Во спортот важни се резултатите и се трудам според она што го имаме на располагање да ги постигнеме најдобрите.
Раководството на ФФМ ја „спушти топката“ кога во зовриената атмосфер излезе со соопштение дека селекторот Милевски ќе го одработи договорот до крајот. Притисокот спласна. Милевски првиот селектор кој со еден државен тим, за играчи до 21 година, избори историски прв пласман на завршница од ЕП во Полска 2017 година, може поспокојно да ја финишира својата селекторска мисија. Каде се гледа себеси по 30 ноември кога ќе му заврши договорот со ФФМ вели:
-Се е отворено ! Сконцентриран сум на обврските со репрезентацијата. Сакам да ги завршиме квалификациите најдобро што можеме. Да го извлечеме од нас максимумот. Кога сето ова ќе помине ќе видиме што, како и каде понатаму. Во овој момент размислувам и работам со соработниците што подобро да се подготвиме за дуелот со Украина.
Ако Македонија ја помине Украина, во ноември ја чека Италија на „Олимпико“ во Рим и за крај Англија во Скопје, на нова тревната хибридна подлога (мешавина од вештачка и природна трева) која деновиве почна да се работи на Арената „Тодор Проески“.