Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 80 годишнината од битката кај село Кленоец. Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе на меморијалниот споменик на паднатите борци.
-Денеска сме тука собрани, да се потсетиме дека цената за нашата слобода е запишана на секој споменик и секој паметник од народноослободителната војна, вклучително и на овој, тука, во Кленоец. На оваа плоча се врежани имињата на борците кои беа подготвени да ја платат и највисоката цена за нашата слобода, со сопствените животи.
За да можеме да се наречеме нивни достојни наследници, ние мораме да го чуваме она за што тие се бореа – слобода, правда, соживот и демократски вредности. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека можат да се остварат и тука, во својата татковина.
И со тоа да се доближиме до идеалот – праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа и гинеа нашите херои во чија чест сме денес, сите ние, овде собрани, порача меѓу другото претседателот Пендаровски.