Варадкар: С.Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ, економски ќе зајакне, ќе го заштити националниот идентитет

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, во видео порака дава целосна поддршка Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Варадкар, нагласува дека ЕУ го штити и почитува националниот идентитет на земјите членки, говори и за економскиот развој и придобивките кои неговата земја ги има како членка на ЕУ. Од релативно сиромашна држава пред 15 години, Ирска како членка на Унијата успеала економски да зајакне и да овозможи просперитет за младите генерации во земјата.

„Ирска целосно го поддржува барањето на Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Ние се приклучивме на ЕУ пред 15 години, бевме неразвиена држава, дури и релативно сиромашна држава, според европски стандарди. Приклучувањето на ЕУ ни помогна да ја трансформираме нашата економија, да ја надградиме, за да можат младите да останат дома и да ги градат своите животи таму, како и да откријат и други можности”, вели во видео обраќањето ирскиот премиер.

Варадкар, во обраќањето истакнува дека членството на Ирска во ЕУ, помогнало земјата да го заштити својот национален идентитет. Премиерот на Ирска посакува што побрзо Северна Македонија да стане членка на големото европско семејство.

„Членството во ЕУ ни помогна да го заштитиме и сочуваме нашиот национален идентитет. Многумина во тоа време велеа дека Ирска ќе биде проголтана од големата Европска Унија, но Унијата не функционира така. Таа ги почитува националните идентитети и диверзитетот. И со нетрпение очекувам Северна Македонија да се приклучи на семејството на ЕУ што е можно побрзо”, вели Лео Варадкар, премиер на Ирска.

Треба да знаете
Последни објави