Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за информатичко општество Азир Алиу го посетија Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ се сретнаа со проректорката Беса Арифи и студентите на Универзитетот. Се осврнаа на значењето на Еразмус Плус програмата, проектите за мобилност и нивното значење за академски напредок.
-Програмата Еразмус Плус им овозможува на студентите да се образовуваат, стекнуваат знаење и искуство, исто како и студентите од другите земји членки на ЕУ. Еразмус Плус се издигна како една од најпрепознатите програми на Европската Унија за образование, обука, млади и спорт. Можноста за размена на идеи и добри практики во европски и меѓународни рамки претставува инспирација за бројни генерации на ученици, студенти, образовен кадар како и организации и институции кои се во позиција да ги искористат придобивките што ни се на располагање, истакна Маричиќ.