Пред две години, Александар Стојкоски убедливо победи на локалните избори и ја доби довербата од граѓаните да ја води општина Ѓорче Петров.
Денес, на половина од мандатот и Стојкоски исто како неговиот колега од Аеродром, не реализираше ниту една десеттина од она што го ветуваше пред граѓаните.
Што не е остварено?
Стојкоски ветуваше две нови модерни градинки – една во Урбаната заедница Ѓорче Петров и една на подрачјето Ново Село и Стопански двор, но за овие проекти се уште не е обезбедена ниту локација, а нема ниту основен проект.
Кружен тек во центарот на Ѓорче Петров беше едно од клучните ветувања на Стојкоски и таму има првичен проект но и тој е далеку од реализиција, а досега ништо не се случува ниту со уредувањето на коритото на реката Лепенец, исто така клучно ветување.
20.000 квадратни метри нови зелени површини ветуваше Стојкоски пред изборите, но не само што нема ново зеленило, граѓаните се жалат дека и постоечкото зеленило не се одржува како што треба.
Ги нема ниту игралиштата за кошарка во секое мало што беа дел од Програмата на Стојкоски, ниту пак поврзување со рекреативна патека од Хром до Нерези/Влае со нејзино осветлување.
Граѓаните се жалат на многу смет и ѓубре низ општината, а своевремено се појавија и снимки на кои се гледа како општински камион трупа ѓубре создавајќи нова депонија.
Не е реализирано ниту унапредувањето на уличното осветлување, а многу често некои делови од општината се во целосен мрак.
Што е реализирано?
По цела една година, Стојкоски успеа да ја доопреми и пушти во употреба градинката во Волково, започната од неговиот претходник Александар Наумоски.
Стојкоски продолжи со асфалтирање на улици и поставување на канализација и освен со општинските капацитети, тоа го прави и со поддршка на градската и централната власт.
Реализирано е ветувањето за решавање на проблемот со водоснабдување на селото Кучково, а делумно се реализира и отстранувањето на депонијата во Ново Село и нејзино менување со мега – парк (проект од Програмата на Данела Арсовска)
Но, иако не вети пред граѓаните, Стојкоски потроши неколку стотици илјади евра и се всели во нова општинска зграда во централниот парк во Ѓорче Петров.
Кога се ќе се собере и одземе, Стојкоски бавно или речиси воопшто не ги реализира проектите од програмата за која доби поддршка од граѓаните.