Министерот Бујар Османи, денеска во Тирана имаше обраќање на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Берлинскиот процес, која претставува најважна регионална иницијатива со огромно влијание врз европската перспектива на целиот регион.
„Берлинскиот процес еволуираше во водечка платформа за регионална соработка која носи голема политичка и економска тежина и служи како движечка сила за регионалната соработка, но и му помага на регионот да ја оствари својата стратешка цел – целосна интеграција во Европската унија “, истакна Османи.
Осврнувајќи се на проширувањето, Османи изјави дека охрабрувачки е што внатрешната дебата на ЕУ за ова прашање и начините како да се олесни тоа добива на темпо и квалитет. Во тој контекст, најавата за новиот План за раст за Западен Балкан, треба да биде насочен кон зголемена конвергенција со ЕУ, преку овозможување пристап до клучните двигатели на растот, како што се Единствениот пазар и финансиската помош.
„Регионот мора да ги засили напорите за реализација на внатрешни реформи, зајакнување на регионалната соработка и дополнително зајакнување на добрососедството. Заедничкиот регионален пазар не само што останува драг на нашите срца бидејќи беше инаугуриран за време на нашето заедничко претседавање со Бугарија со инивијативата во 2020 година, туку што е уште поважно, го гледаме како клучен елемент за економскиот раст на регионот и чекор поблиску до единствениот пазар”, нагласи Османи.
Потпишувањето на трите договори за мобилност, за време на минатогодишните состаноци во Берлин, е од големо значење. Како депозитар, Северна Македонија е посветува особено внимание на значењето на нивното спроведување и на практичните придобивки што тие ги носат за нашите граѓани.