Македонската женска фудбалска репрезентација до 17 години ја освојува втората победа на евроквалификацискиот турнир во Косово, откако попладнево ја совлада Ерменија со 4-0 (2-0) во рамки на 2. коло во Б1 групата.
Македонските фудбалерки дојдоа во водство со голот на Меланија Грозданова во 18 минута, а до крајот на полувреме „црвено – жолтите“ ја зголемија предноста со автоголот на Сусана Сахакјан во 40 минута.
По пет минути игра во вториот дел Калина Попески зголеми на 3-0, а печат на убедливиот триумф стави Ана Боризоска во 61 минута.
Во вториот натпревар од второто коло во групата Б1, домаќинот Косово ја совлада Грузија со 2-0.
По стартниот триумф над Грузија од 5-0 на македонските фудбалерки ќе им биде доволен и бод во решавачкиот натпревар против Косово, в понеделник, за освојување на првото место во групата и враќањето во елитната А дивизија.