Во повеќе турски, но и балкански медиуми се појавија информации дека Али Коч, претседателот на клубот Фенербахче, еден од суперлигашките екипи, планирал да го купи македонскиот тим Фудбалски клуб Вардар.
Претседателот на Фенербахче Али Коч почнал да работи на купување клуб од Балканот, а како што јавуваат медиумите Вардар е тимот за кој размислува Али Коч и за кој е сериозно заинтересиран последните две години.
Но покрај Вардар, Коч е заинтересиран и за Железничар од Сараево и Нови Пазар од српската Суперлига.
,,Ќе купиме клуб од втора или трета лига или ќе изградиме 100 процентна врска со сопственик на клуб. Ќе направиме пилот клуб, ’хранител’ клуб. Ни треба. Повеќето играчи што ги изнајмуваме не добиваат минутажа, не добиваат доволно време за игра. Некои од нив ги изнајмуваме со обврска да добиеме малку време, но ако имаме свој клуб, ќе развиеме и тестираме многу наши играчи“, рече Коч претходно во изјава за турските медиуми.
Од друга страна, беше објавено дека Вардар, кој има долг од приближно 3 милиони евра, неодамна имал средба со потенцијални инвеститори.
Вардар е на последното место во Првата македонска фудбалска лига со 5 бода од 8 одиграни натпревари оваа сезона.