Отворен меморијалниот турнир посветен на загинатите припадници на Армијата и Полицијата

Денеска во Спортскиот Центар „Јане Сандански” во Скопје, државниот секретар во министерството за одбрана, Владимир Анчев се обрати на отворањето на 22. традиционален меморијален турнир во мал фудбал, посветен на загинатите припадници на Армијата на Република Северна Македонија во 2001 година  и загинатите припадници на полицијата од настаните во Куманово во 2015 година.

Државниот секретар во своето обраќање изрази почит кон споменот на загинатите припадници на Армијата и Полицијата и сочувство до нивните семејства.

„Спортот нè зближува, го поттикнува нашиот натпреварувачки дух и е достоен начин за да го одржиме сеќавањето за нивниот влог. Нашите херои секогаш ќе останат запаметени по своите дела и вечно ќе живеат во колективната меморија на сите наши граѓани, а нивните дела се инспирација која што нè води напред”, рече Анчев, додавајќи дека наша должност е да направиме се за да го зачуваме мирот и да продолжиме да целиме кон подобра иднина, иднина која ќе биде просперитетна за сите.

Меморијалнот турнир беше отворен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој рече: „Оддавајќи им должна почит на сите наши загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и на нивните најблиски, чијашто загуба останува вонвременски ненадоместлива, ние истовремено демонстрираме и една силна порака: Никогаш  не смее да заборавиме кому и што им должиме. Тој долг не обврзува постојано да тежнееме и да бидеме подобри, почовечни, достојни и непокорни, искористувајќи ја најдобро што се може шансата што ни е дадена и која почива на највредното нешто – човечките животи!

На отворањето се обрати и претседателот на здружението „Херои на Македонија 2001-2025″, Владо Стојановски истакна: Нашите херои со своите дела секогаш ќе останат запаметени и вечно ќе живеат во колективната свест на македонскиот народ. Ако од вечноста може да проговориме ќе ви кажеме дека хероите не умираат, но нивната загуба се чувствува не само кај семејствата туку и кај безбедносните сили и посакуваме никогаш, никогаш да не се повторат немилите настани.

На меморијалниот турнир учествуваат 10 екипи составени од припадници на Армијата, полицијата, семејствата на загинатите бранители и Агенцијата за млади и спорт. Меморијалниот турнир е ко-организиран од Министерството за одбрана и здружението „Херои на Македонија 2001-2015″.

Треба да знаете
Последни објави