На социјалните мрежи се споделува видео на кое наводно се гледаат израелски девојки киднапирани од членовите на милитантната група Хамас, откако во саботата започна инфилтрацијата на вооружени групи и масовниот ракетен напад врз јужен и централен Израел.
Најмалку 600 луѓе загинаа во Израел по масовен ракетен напад врз јужниот и централниот дел на земјата, а десетици цивили и војници се земени како заложници, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на израелските одбранбени сили.
Краткиот клип прикажува група од 20-тина девојки од Израел кои биле земени како заложници од Хамас. Видно исплашени, девојчињата се згрчени додека во близина се слушаат истрели и експлозии, а во празната соба ги чува вооружен член на Хамас.
Не е познато каде се девојките, ниту каде е снимено видеото.
„Гардијан“ наведува дека Хамас однел до 100 израелски заложници во Газа, вклучувајќи жени и деца, што во голема мера ја отежнува израелската воена операција за нивно ослободување.
Откако се појавија шокантни снимки од преплашени израелски војници и цивили – некои облеани во крв, а други со покриени глави и врзани раце – кои беа одземени од милитантите на Хамас, нивната судбина и локација станаа едно од најитните прашања за воените планери.
Израел ќе „направи се“ за да ги ослободи и врати заложниците земени во Газа, изјави во неделата за Си-Ен-Ен портпаролот на израелските одбранбени сили мајор Дорон Спилман.