Проевропските опозициски партии и организации во Србија испратија заедничко писмо до меѓународните фактори

Пет опозициски парламентарни партии и организации денеска испратија заедничко писмо до сите релевантни меѓународни фактори за следење на изборите во Србија со барање да се изјаснат за изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.

Во писмото тие прашуваат дали изборите ќе се сметаат за неслободни и недемократски доколку се одржат без препораките од извештајот на ОДХИР, односно на ОБСЕ, кои Владата на Србија се обврза да ги исполни, се наведува во соопштението на Партијата за слобода и правда (ССП).

Ваквото барање е иницирано од ССП, Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Движењето за пресврт, Синдикатот Слога и Зелено-левиот фронт.

– Изборните услови, заробувањето на медиумите на страна на режимот и притисокот врз гласачите се влошија. Целосно координирана и обединета демократска и проевропска опозиција во Србија бара вонредни парламентарни и белградски избори, бидејќи нема друг начин да излезе од сегашните големи економски, политички и безбедносни кризи, се наведува во писмото.

Проеврпската опозиција оцени дека режимот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не сака да ги спроведе извештаите и препораките и планира да има уште едни избори кои не се вистински, туку наместени и избори со притисок врз гласачите, под целосна контрола на медиумите на неговиот режим и неконтролираното полнење на гласачки кутии со увоз на гласачи од Босна и Херцеговина.

– Јасно е дека вашето мислење за овие наместени избори е важно и неопходно пред изборите, бидејќи Александар Вучиќ нема спроведено ниту една од препораките што сте ги дале, ниту пак ќе исполни некаков правен или друг лек за да и овозможи на Србија конечно да има слободни и демократски избори, се посочува во писмото.

Ова заедничко писмо е испратено до Генералниот директорат на Европската служба за надворешни работи, известувачот на Европскиот парламент за Србија Владимир Билчик, заменик-помошникот секретар во американскиот Стејт департмент Габриел Ескобар, амбасадорите на ЕУ и САД во Србија, како и на шефовите на мисијата на ОБСЕ и Советот на Европа во Србија. 

Треба да знаете
Последни објави