Власта и опозицијата поделени – уставни измени или уставна криза?

Власта и опозицијата остануваат на своите ставови околу можноста за одржување на лидерска средба. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на ваква средба бидејќи според оваа партија земјата се наоѓа пред два клучни изборни процеси и доколку не се разговара за тоа, можна е уставна криза, додека од СДСМ сметаат дека нема основа за одржување на ваква средба на која би се договарало нешто надвор од законските процедури.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите рече дека не може да се прават лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон. Нагласи дека останува отворена понудата дадена на последната лидерска средба. 

– Ние не можеме да супституираме институции, значи да укинуваме Парламент, да укинуваме политички партии и да правиме лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон. Но со оглед на тоа дека имавме лидерска средба на која што како претседател на СДСМ му понудив на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, решение – во понеделник да ги изгласаме уставните измени, истиот ден да го распуштиме Собранието и да одиме на избори. Или доколку сакаат да ги отвориме уставните измени, да влезат во Владата на паритетна основа односно 50 проценти од министерствата, да ги затвориме процесите на скринингот и на уставните измени, да ги отвориме поглавјата, да затвориме заедно едно или две поглавја, во што сум убеден дека можеме да го направиме до февруари, и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори. Тоа се опциите што стојат на маса, рече Ковачевски.

Според Ковачевски, претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во законскиот термин, односно согласно законските рокови, земјава на 12 мај следната година треба да има нов претседател, а на 15 јули нов парламентарен состав. 

Од друга страна, според лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој иницира ваква средба, неопходно е таа да се одржи бидејќи државата се наоѓа пред два значајни изборни процеси следната година. Тој вчера во изјава за медиумите рече дека ваква средба може да свика и претседателот на Собранието Талат Џафери. 

-Ценам дека на неколку месеци пред избори добро е да се седне на лидерска средба каде што ќе има претставници од Владата, претставници од опозицијата. Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде во Парламентот. И таму ќе дојдам да разговараме за можните датуми за избори бидејќи, во меѓувреме, треба сите да сме свесни дека имаме два големи верски празници како што се Рамазан и Велигден, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме фер изборен процес, изјави Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави