Над 700 загинати во нападите на Хамас врз Израел

 Бројот на израелски граѓани загинати од нападот на Хамас против еврејската држава надмина 700 луѓе, јавија израелски медиуми, повикувајќи се на здравствени власти. Досега во Израел се ранети повеќе од 2.100 луѓе.

Израелските сили продолжуваат да се борат со вооружените припадници на Хамас.

Во Појасот Газа, палестинска територија под контрола на Хамас од 2007 година, според локалните власти, загинале 370 Палестинци, а околу 2.000 се ранети.

Израелската армија распореди десетици илјади војници за да ја врати контролата врз јужните области во близина на Појасот Газа и да ги спаси преостанатите израелски заложници и да ги евакуира сите жители до утре наутро. Денеска беше објавено и дека Хамас држи повеќе од 100 заложници во Појасот Газа.

Во обид да ја вратат контролата по ненадејната офанзива во саботата наутро, среде еврејскиот празник Шабат, израелските сили денеска продолжија да го гонат „Хамас“ кој се инфилтрира во јужен Израел и изврши воздушни напади врз цели во Појасот Газа.

„Ќе го убиеме секој терорист присутен во Израел“, изјави воениот портпарол контраадмирал Даниел Хагари.

Израелската армија објави дека повторно ја презела контролата врз полициската станица во Сдерот, откако соопшти дека „неутрализирала 10 терористи“ кои биле таму.

„Првата фаза заврши со елиминација на огромното мнозинство на непријателските сили кои влегоа на наша територија“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предупредувајќи дека војната може да биде „долга и тешка“.

Со поддршка на канонада ракетни истрели од Газа врз Израел, борците на Хамас влегоа во Израел со возила, чамци и параглајдери преку и преку граничната ограда и ги нападнаа воените позиции и цивилите на улиците.

Израел денеска беше нападнат и на северната граница со Либан. Либански Хезболах, сојузник на Хамас и Иран, истрела минофрлачки гранати во спорната погранична област, што го натера Израел да возврати со напад со беспилотно летало врз цели на Хеболах во Либан.

Во Египет двајца израелски туристи беа убиени од локален полицаец. Хамас и Исламски џихад, пак, тврдеа дека заробиле голем број израелски војници.

Премиерот на Израел оцени дека ова што се случи сега е без преседан.

Офанзивата на Хамас почна 50 години и еден ден по израелско-арапската војна во 1973 година, која исто така целосно го изненади Израел и остави 2.600 Израелци мртви за три недели борби.

Военото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам, во саботата објави дека ја започнало операцијата Бура Ал Акса против Израел и дека биле истрелани повеќе од 5.000 ракети за „да се стави крај на злосторствата на окупаторите“.

Израел го окупира Западниот Брег и источниот дел на Ерусалим од 1967 година, а Појасот Газа е под блокада повеќе од 15 години.

Во знак на одмазда за офанзивата на Хамас, израелската армија ја најави операцијата „Железни мечеви“, уништувајќи ги зградите во кои, како што тврди, се наоѓаат командните центри на Хамас.

Прекинато е снабдувањето со електрична енергија, храна и други потреби за Газа.

Нападот на Хамас го осудија западните земји, а наскоро се очекува САД да објават нова воена помош за Израел, а денеска ќе се одржи итен состанок на Советот за безбедност на ОН за воената ситуација.

Офанзивата започна додека САД преговараат за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, што беше осудено од Хамас.

Треба да знаете
Последни објави