Членовите на Mеѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата денеска одржаа работен состанок во пресрет на конститутивната седница.
Како што информираат од Влада на состанокот бил споделен нацрт текстот за Деловникот за работа на ова тело и беше договорена забрзана динамика на работа во наредниот период.
Меѓуресорското тело се формирало со одлука на Владата во јули годинава и со него претседава вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
Истакнувајќи ја потребата од посветен пристап на сите надлежни институции за да се добијат посакуваните ефекти, вицепремиерката Грковска посочила дека во напорите да се подобри соработката на органите од оваа област, појдовна точка секогаш треба да биде Националната стратегија за борба против корупцијата. Притоа, како што нагласи таа, еден од најголемите предизвици на ова тело ќе биде забрзана и доследна имплементација на Стратегијата, имајќи го предвид досегашниот низок степен на реализација,
-Во таа насока, на првата официјална седница на Меѓуресорското тело, покрај донесување на усогласениот Деловник, ќе се разгледува и новиот Акциски план за Националната стратегија за борба против корупцијата (2021-2025), кој е подготвен од Државната комисија за спречување на корупција и во моментов е во постапка пред Собранието на Република Северна Македонија. Ова тело ќе дефинира чекори за негова целосна имплементација во наредните две години, се наведува во соопштението.
Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата има за цел јакнење на меѓуинституционалната соработка и координација на активностите за: креирање политики за унапредување на превенцијата и борбата против корупцијата, вклучително и за обезбедување техничка поддршка; спроведување на мерки и активности предвидени со национални или меѓународни стратешки или програмски документи, усогласено собирање и обработка на податоци за следење на состојбите со корупцијата и обезбедување придонеси за подготовка на извештаи и други материјали за известување на меѓународни организации и тела во врска со имплементација на препораки и стандарди од областа Антикорупција.
Во телото учествуваат претставници на Јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Бирото за јавни набавки, Агенцијата за управување со одземен имот, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Република Северна Македонија во Совет на Европа – Група на држави против корупција.