Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу денеска во Скопје и амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка, за спроведување на заеднички активности во периодот 2023-2025 година.
Како што соопштуваат од МИОА, ова претставува важен чекор во помошта за зајакнување на односите и соработката меѓу Северна Македонија и ОБСЕ.
-МИОА е посветено на спроведувањето на стратешката политика и процесите за реформа на јавната администрација, соочувајќи се со предизвиците кон воспоставувањето ефективни и ефикасни услуги за граѓаните. Овој Меморандум за соработка обезбедува рамка за соработка со ОБСЕ, за спроведување на заеднички активности во насока на исполнување на целите. Заедно ќе придонесеме за намалување на корупцијата и враќање на довербата на граѓаните во институциите преку зајакнување на интегритетот и подобрување на домашното законодавство, заклучи министерот Алиу, се наведува во соопштението.
Амбасадорот Килијан Вал, се посочува, од своја страна истакна дека овој Меморандум за соработка има за цел создавање на посилни институции кои работат во согласност со принципите на демократското владеење и да ги поддржи реформските приоритети на Владата во согласност со заложбите на ОБСЕ.