Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа, предупредувајќи дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година. Се потоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори.
-Прво и основно не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одѕвале на евентуална покана и од тоа после зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било прво информација да се има од волјата на лидерите да дојдат во Собрание. Од мој апскет нема никаков проблем таа волја да ја удоволам, вели Џафери.
На прашањето дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии бараат од него и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба, ако нема волја од сите.
-Ќе свикам, но што ако не дојдат сите? Јас не одредувам теми за разговор, истакнува Џафери.
Претседателот на Собранието во изјавата за МИА вели дека роковите за редовни термини за изборите се јасно, прецизно, пропишани со Устав и со закон, но и дека има простор за договор, но само до крајот на годината.
Tој исто така вели дека на наредната нова седница на почетокот на ноември како точка на дневен ред ќе биде ставена и интерпелацијата за обвинителот Љубомир Јовески.