Мировните сили на ОН во јужен Либан (УНИФИЛ) повикуваат на максимална воздржаност долж либанско-израелската граница по големата ескалација на насилството меѓу Палестинците и Израел.
Мировниците на УНИФИЛ регистрираа експлозија во близина на Ал Бустан, во југозападен Либан, се наведува во соопштението на УНИФИЛ.
Во соопштението се додава дека командантот на УНИФИЛ е во контакт со погодените страни и „ги повикува да покажат максимална воздржаност … за да се спречи понатамошна ескалација и губење на човечки животи“.
Неименуван претставник на либанските безбедносни сили во јужен Либан изјави дека околу 45 израелски гранати паднале во провинцијата на селото Дајра, во областа на градот Тир. Ова израелско артилериско бомбардирање уследи како одговор на обидот за инфилтрација на Палестинци во Израел од јужен Либан.
Проиранското движење Хезболах во Либан негираше вмешаност.