Домаќинот на традиционалниот пикник по повод Денот на народното востание, претседателот на општинската организација на СДСМ Куманово, Александар Арсиќ, во обраќањето пред граѓаните порача дека Куманово секогаш стои на вистинската страна на историјата и ќе продолжи да биде бастион на СДСМ со нова победа на наредните избори.
-Куманово ќе продолжи да биде Бастион на СДСМ. Куманово е град со слободарски дух. Овој град е симбол за мир, толеранција, соживот, но и борбеност, непокор и носител на промени. Куманово секогаш знае да ја процени вистинската страна на историјата и да застане зад неа. Така било, така и ќе биде…30 годишниот бастион секогаш беше на страната на социјалдемократијата, рече Арсиќ.
Куманово низ годините стана симбол на социјалдемократијата и тоа СДСМ никогаш нема да го заборави. СДСМ секогаш ќе биде тука за Куманово и кумановци. И затоа не е воошто чудно дека се вложува како никогаш досега во Куманово. Скоро секој проект во нашиот град целосно или делумно е финансиран од оваа Владата, додаде Арсиќ.
-Нашите граѓани треба да бидат спокојни и да знаат дека нема да дозволиме неспособноста на општината да го отежне животот и секојдневието во Куманово. Владата предводена од СДСМ во Куманово вложува во реконструкција на улици, канализација, водовод, реконструкција на училишта и спортски сали. Реконструирана е целата патна инфраструктура околу Куманово, а некои патишта и мостови се реконструираат за прв пат после повеќе од 30 или 40 години. Затоа и СДСМ секогаш победува во Куманово, затоа и воопшто не се поставува прашањето кој ќе победи на следните претседателски и парламентарни избори. СДСМ ќе ја предводи идната Влада и ќе продолжи да го трасира патот до конечно полноправно членство на Македонија во ЕУ, рече Арсиќ.
Почитувани мои сограѓани, знајте дека верувам во вас, верувам во вашата сила и желба за победа, Верувам во вашата социјалдемократска мисла. Сите заедно, сплотени и обединети ќе успееме да оствариме голема победа во следната година и да бидеме гарант за европскиот пат на нашата држава, рече претседателот на Општинската организација на СДСМ Куманово, Александар Арсиќ денеска на традиционалниот пикник по повод 11 Октомври, Денот на народното востание.