Индонезија е во разговори со Австралија за можна заедничка кандидатура за организација на фудбалскиот Мундијал во 2034 година, заедно со Малезија и Сингапур, изјави денеска првиот човек на индонезискиот фудбал Ерик Тохир.
ФИФА минатата недела ја додели организацијата на Светското првенство 2030 на Мароко, Шпанија и Португалија, со Уругвај, Парагвај и Аргентина како кодомаќини, и ги повика членките од Азија и Океанија да се кандидираат за домаќини на Мундијалот 2034.
„Разговараме за кандидатура со Австралија. При моите посети на Малезија и Сингапур, и двете земји изразија интерес да ни се приклучат“, изјави Тахир за весникот „Сиднеј Морнинг Хералд“.
Самостојна кандидатура за организација на Мундијалот 2034 веднаш по повикот од ФИФА објави Саудиска Арабија.
Крајниот рок од ФИФА за поднесување на кандидатурите истекува на 31 октомври.