Гутереш го претстави извештајот на ОН и најави: Форматот на седницата на СБ на ОН за Косово можеби ќе се смени

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, објави извештај за работата на УНМИК на Косово, во кој се наведува дека главен приоритет на Советот за безбедност е одржување на стабилноста на Косово и намалување на тензиите на северот, јави дописникот на МИА од Белград.

Антонио Гутереш во извештајот навести дека форматот на седницата на СБ на ОН за Косово во октомври, кога со Советот претседава Бразил, може да се промени, односно седницата да биде затворена за јавноста, особено по тензиите кои ја одбележа седницата одржана на 27 април.

Промената на форматот би овозможила, како што се наведува, „поискрена дискусија за предизвиците за спроведување на февруарскиот договор“.

Дополнително, се наведува дека членките на СБ се обединети во поддршката на дијалогот со посредство на ЕУ, но дека постојат длабоки поделби меѓу петте постојани членки – оние кои ја признаваат независноста на Косово (САД, Велика Британија и Франција), и оние кои не ја признаваат (Русија и Кина) и силно ја поддржуваат позицијата на Србија.

Меѓу другите членки што ќе присуствуваат на седницата, седуммина ја признаваат независноста на Косово (Албанија, Габон, Гана, Јапонија, Малта, Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати), а три не (Бразил, Еквадор и Мозамбик).

Уште едно прашање за кое постојаните членки на Советот за безбедност на ОН не се согласуваат е прашањето за промена на мандатот на УНМИК, рече Гутереш.

САД побараа крај на мандатот на УНМИК и намалување на зачестеноста на седниците за ситуацијата во Косово, слично како и во Велика Британија, додека Русија се противи на оваа идеја и се залага за отворени и редовни седници на СБ на ОН за Косово.

Во извештајот се опишани настаните на Косово од февруари годинава, кога претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиерот Албин Курти, го прифатија предлогот на ЕУ за нормализација на односите, па се до септември оваа година, кога високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, застојот во преговорите го припиша на инсистирањето на Курти Србија формално да ја признае независноста на Косово, пред спроведување на февруарскиот договор.

-Курти не беше подготвен да оди напред и да започне кредибилен процес кон формирање на Заедницата на српските општини. Курти инсистираше на официјализирање на де факто признавањето да биде првиот чекор, рече тогаш Борел, додавајќи дека Вучиќ го прифатил предлог на ЕУ за истовремено спроведување на точките од договор.

Гутереш нагласи дека СБ на ОН ќе продолжи да ги следи дипломатските напори за подобрување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и сите напори за постигнување конечен, правно обврзувачки договор.

Вчера Вучиќ најави дека на 23 октомври ќе отпатува во Њујорк на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, чие одржување е одложено за пет дена во однос на претходно најавениот датум 18 октомври. 

Треба да знаете
Последни објави