Авио-сообраќајот во земјава се одвива тековно. Најавениот штрајк од контролата на летање е ставен во мирување. Во Министерството за транспорт и врски во присуство на министерот Благој Бочварски, синдикатот и тројцата директори на Македонска навигација (М-НАВ) постигнат е договор до крајот на месецов проблемите кои ги тиштат вработените да бидат надминати.
-Направивме компромис. Очекуваме да се реализираат нашите забелешки кои беа прифатени од раководството на М-НАВ. Се надеваме дека се што се договоривме ќе биде исполнето и нема да бидеме изиграни, вели за „24 Инфо“, првиот синдикалец Александар Тасевски.
Контролорите на летање се одлучија со непопуларниот метод – штрајк да ги оставруваат барањата, откако кулминираше незадоволството од непрофесионалното однесување на раководството околу вработувањата, внатрешните распоредувања на вработените и условите за работа. Нивните барања се застарената опрема да биде заменета со нова, кога ќе бидат распишувани конкурси за работа да има рок за пријавување од десет работни дена…
-Процесот за пријавувањето на кандидати за вработување да не се прави во рок од три дена и тоа за време на викенд. Селекцијата на кандидатите кои ќе конкурираат за работа да биде транспарентна, а ние тука да бидеме во улога на посматрачи. Вработувањето да биде за кадри кои што се потребни, а не за измислени работни места. Изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието, да ја направи реномирана фирма од надвор, додава Тасевски.
Спроведувањето на овие барања од страна на менаџментот на М-НАВ ќе го надгледува ресорното министерство и истите треба да бидат реализирани до крајот на месецов.