Македонија пред 30-години зачекори на меѓународната фудбалска сцена во Крањ

На денешен ден пред 30 години (13 октомври 1993 г.) македонската фудбалска репрезентација зачекори на меѓународната сцена. Во Крањ, на контролен натпреавр Македонија ја совлада домашната селекција на Словенија (1:4). Иако во поранешната заедничка држава Словенија важеше за „скијачки состав“, Македонија без опуштање, со максимална мотивација ја растури и испиша победничка прва историската страница во мак-фудбалот на која со задоволство се присетуваме.

Зоран Бошковски – Чоко беше стрелец на првиот историски погодок за Македонија, а во листата на стрелците се запишаа и Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драги Канатларовски.

Македонската репрезентативна експедиција предводена од тогашниот претседател на ФФМ (ФСМ тогаш) Љубисав Иванов – Ѕинго, генералниот секретар Илија Атанасовски – Ико, директорот на репрезентациите Часлав Божиновски, (сите тројца се покојни н.з.) иако владееше беспарица, недостасуваше опрема, но со многу голем ентузијазам, помогнати од бизнисмени, љубители на фудбалот, зачекорија сигурно, сплотено и успешно да се пробиваат на меѓународната сцена.

Сите сакаа да помогнат, да бидат дел од големата фудбалска историска слика. Незаборавни се тие денови, кои избраниците на селекторот Андон Дончевски на теренот во Крањ ги претворија во еуфорија во Македонија.

Покрај стрелците на головите своите имиња во историскиот меч ги запишаа и Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јовановски, Илија Најдоски, Ванчо Мицевски, Љупчо Марковски, Бобан Бабунски, Горан Георгиевски, Саше Милошевски и Тони Мицевски. 

Нивниот настап на теренот го овековечија како дел од македонската експедиција новинарите: Атанас Костовски (МТВ), Александар Стиков (Македонско радио), Воин Трајковски (Нова Македонија), Драган Николовски (Вечер), Мијалче Дургутов (Скок), Миленко Неделковски (А1), фоторепортерите Ѓорѓи Личоски (Нова Македонија), и Роберт Спасовски (Скок).

Треба да знаете
Последни објави