Светската здравствена организација (СЗО) нагласи дека барањето од пациентите во болниците да се евакуираат во Газа е „смртна казна“, а генералниот директор на агенцијата го повика Израел да ја повлече својата одлука со која нареди евакуација.
СЗО денеска соопшти дека локалните здравствени власти во Газа ги информирале дека е невозможно да се евакуираат болнички пациенти од северниот дел на Газа, откако израелската војска повика цивилите да се евакуираат на југ во рок од 24 часа.
„Има тешко болни луѓе чии повреди значат дека единствената шанса за преживување им е да бидат на апарати за одржување во живот, како што се механички вентилатори. Значи, преместувањето на тие луѓе е смртна казна. Барањето од здравствените работници да го сторат тоа е повеќе од сурово“, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека болниците во Газа се на „пресудна точка“ и апелираше директно до Израел да ја откаже наредбата за евакуција.