(Фото и видео) „Учиме да пливаме“ неделно едуцира 1.200 деца во базенот „Скај велнес“ од основните училишта во Аеродром

Спортувањето или физичката активност е здравје, а здравите навики се стекнуваат уште од мали нозе. Водени од оваа максима, стручна екипа на чело со координаторот Иван Анастасовски, професор од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје го покрена и веќе втора година во ко-организација со општина Аеродром успешно го реализираат проектот „Учиме да пливаме“. Оваа акција ги опфаќа најмладите ученици од сите основни училишта во општината Аеродром, која е донатор на проектот.

-Сум работел на големи проекти, но овој е најмасовниот. Опфатени се првоодделенците од сите училишта во општината Аеродром, како и децата со попреченост од второ до деветто одделение. Во текот на неделата, од понеделник до сабота, со „Учиме да пливаме“ се едуцираат 1.200 деца, вели Анастасовски за „24Инфо“.

Проектот се реализира во базенот на „Скај веленс“. Општината Аеродром субвенционира превоз од училиштата до базенот и назад, капа за пливање, очила, крпа за бришење, ранче… Комплетната логистика во тандем со наставниците по физичко воспитување е на спортските едукатори кои работата на овој проект.

-Еднаш неделно секое дете опфаетено со проектот има час по пливање. За 45 минути колку трае часот, децата пристигнуваат во базенот, се подготвуваат за работа со стручните лица и 30 минути поминуваат во вода совладувајќи вештини во пливањето, за да потоа се вратат назад навреме во училиштето и да продолжат со наставата – додава Анастасовски.

Каква е ракцијата на децата кога ќе се соочуваат со предизвикот за првпата да влезат во базенот ?

-За голем процент од децата пливањето е непознаница. Нашите стручни едукатори работат најпрво децата да се опуштат, да го надминат стравот ако постои и постепено да почнат да пливаат. По завршувањето на овој проект во текот на школската година кој трае шест месеци, задоволителен е одѕивот на децата кои продолжуваат со пливањето со префрлање во пливачката академија „Скај веленс“, додава координаторот.

Во пливачката академија се работи по групи според возраст, дали децата се почетници, полупливачи или пливачи. Опфатени се деца од 4 до 18 години.

-Работиме со околу 100 деца два до три пати во неделата. Поделени се во групи од најмногу 15 деца, кои под надзор на тројца тренери се совладува пливачката техника најпрво со движења на нозете, па одржување на вода, за да потоа се премине на пливачките стилови градно, крал, пеперутка, вели Валериј Ѓорѓиески, еден од тренерите во пливачката академија.

Треба да знаете
Последни објави