ЕУ тројно ја зголеми тековната хуманитарна помош за Газа

Европската комисија денеска објави дека тројно ја зголемува својата сегашна хуманитарна помош за Газа на 75 милиони евра и ќе работи со агенциите на Обединетите нации за да обезбеди помошта да стигне до оние на кои им е потребна.

„Комисијата го поддржува правото на Израел да се брани од терористите на Хамас, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право“, се вели во соопштението на извршната власт на ЕУ.

„Работиме напорно за да обезбедиме поддршка на невините цивили во Газа во овој контекст“, се додава во соопштението.

Ескалацијата на насилството меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас ги поттикна дискусиите во Брисел за програмите за помош за палестинскиот народ.

Ревизијата на помошта на ЕУ за Палестинците не вклучува суспензија на тековните плаќања, бидејќи тоа ќе им наштети на интересите на ЕУ на Блискиот Исток, изјави претходно шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борељ.

Претходно, еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Варгели најави дека Европската унија ќе ги прекине сите исплати на Палестинците и ќе ја преиспита сета помош поради ескалацијата на конфликтот со Израел.

Треба да знаете
Последни објави